
Стручна посета и успешни реконструктивни интервенции по повод месецот за подигнување на свеста за ракот на дојка
Во рамки на активностите по повод Октомври – месецот за подигнување на свеста за ракот на дојка, на ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје беше реализирана стручна посета на спец. д-р Игор Маљковиќ, пластичен хирург од Република Србија.
Посетата беше организирана на иницијатива на директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, во насока на континуирано унапредување на реконструктивната хирургија, размена на стручни искуства и подобрување на достапноста на реконструктивните процедури за пациентките оперирани од карцином на дојка.
Во текот на посетата беа реализирани специјалистички консултативни прегледи, при што пациентките беа информирани за современите можности за реконструкција на дојка и индивидуалните опции за понатамошен третман.
Успешно беа изведени три секундарни реконструкции на дојка, со замена на ткивен експандер со траен имплант и контралатерална мастопексија, со цел постигнување подобра симетрија и естетски резултат.
Интервенциите беа реализирани преку заедничка тимска работа на д-р Игор Маљковиќ, директорката прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, специјалистите ас. д-р Јовановски и ас. д-р Ермира Хамзаи, како и тимот специјализанти: д-р Пејоска, д-р Шемов, д-р Ставриќ, д-р Хаџитрифон и д-р Алексовски.
Оваа активност е дел од континуираните заложби на Клиниката за развој на реконструктивната хирургија и подигнување на јавната свест за можностите за реконструкција по мастектомија. Особено внимание се посветува на информирањето на што поголем број пациентки дека реконструкцијата може да биде важен дел од нивното физичко и психолошко закрепнување.
Лекувањето на карциномот на дојка не завршува со отстранувањето на болеста. Реконструкцијата на дојка претставува можност за враќање на телесниот интегритет, самодовербата и подобрување на квалитетот на животот.
Со ваквите активности, Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија ја продолжува својата посветеност кон современ, сеопфатен и индивидуализиран пристап во грижата за пациентките.





